Германија ќе воведе државен билет за транспорт од 49 евра месечно, со кој граѓаните ќе можат да патуваат со автобуси, возови, метроа и трамваи на локални и регионални линии.
Билетот наречен „Дојчландтикет“ (Deutschlandticket) со оваа цена ќе започне да функционира најрано од почетокот на идната година, најави министерот за транспорт Волкер Висинг, а целта е да се намалат емисиите на јаглерод диоксид, како и да им се помогне на граѓаните во справувањето со растот на цените.
„Атрактивно, дигитално и едноставно – сега е поплочен патот за најголемата реформа во плаќањето на јавниот транспорт во Германија“, стои во соопштението на Висинг.
Билетот ќе може да се користи во сите видови на јавен превоз низ земјата, освен во супер брзите возови и меѓу-регионалните возови. Реформата следи по популарниот билет од 9 евра кој се воведе во Германија во текот на летото и беше продаден во 50 милиони примероци.
„Колку прекрасна вест. Потребно ни е масовно проширување на јавниот превоз. Да – 49 евра не е исто со 9 евра, но сепак е добар чекор напред кон пристапен и про-климатски јавен превоз и поголема социјална мобилност“, изјави претседателката на Зелената партија во Европскиот парламент, Тери Реинтке.
Покраинските министри за транспорт во Германија, кои ја договорија оваа реформа, се надеваат дека ниската цена на билетот ќе биде доволно привлечна за оние кои користат автомобили да се префрлат на јавен превоз.