Вредноста на доларот во однос на кошницата валути на светските берзи драстично падна минатата недела, бидејќи се очекува забавување на стапката на зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка, па курсот на еврото се врати над нивото на 1 долар.
Според курсната листа на НБРСМ средниот курс на еврото денеска изнесува 61.6943 денари, а на американскиот долар 59.8509 денари. Средниот курс на британската фунта изнесува 70.4756 денари.
Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на САД во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела потона за 3,9 отсто, на 106,42 поени.
Истовремено, доларот падна за 3,9 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото достигна 1,0350 долари. Курсот на доларот потона уште повеќе, 5,3 отсто, во однос на јапонската валута, спуштајќи се на 138,80 јени. Доларот падна четврта недела по ред поради очекувањата дека ФЕД ќе го намали темпото на зголемување на каматните стапки, бидејќи најновите податоци покажуваат дека инфлаторните притисоци во САД се намалуваат.
Во октомври инфлацијата падна од септемвриските 8,2 на 7,7 отсто на годишна основа, што е најниско ниво од јануари и пониско од очекуваното. Ова ги поттикна шпекулациите дека во наредниот период американската централна банка ќе го забави темпото на зголемување на клучните каматни стапки.
Откако ФЕД на почетокот на ноември четврта сесија по ред ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,75 процентни поени, аналитичарите очекуваат забавување на темпото.
Пред објавувањето на извештајот за инфлацијата, се проценуваше дека има 52 отсто шанси ФЕД да ги зголеми каматните стапки за поблаги 0,50 процентни поени во декември, но сега тие шанси надминаа 80 отсто. Поради ова, приносите на американските обврзници значително паднаа, па падна и курсот на доларот.
Извор: kajgana.com