Покрај бесправната градба и урбанизацијата, најголема закана за националниот парк Галичица е дрвократството, кое во најголем дел го врши локалното население. Пред неколку дена во Охрид забележани се 32 бесправно пресечени букови стебла и се запленети над 200 кубни метри бесправно исечени дрва.
Од ЈП „Национални шуми“ за весникот ВЕЧЕР велат дека најзагрозени региони од дрвократство се подружниците: Караџица – Скопје, Јабланица – Струга, Лопушник – Кичево и Црн Бор – Прилеп каде се евидентирани најмногу нарушувања со бесправно посечена дрвна маса.
Доброупатени ивори велат дека кубик огревно дрво на црниот пазар достигнува и до 100 евра. Значи за половина година во џебовите на дрвокрадците влегле нешто помалку од милион евра. Од „Национални шуми“ потенцираат дека дрвокрадство, односно бесправна сеча имало отсекогаш.
Согласно обработените податоци, во текот на 2020 година во регистрирани бесправни сечи е утврдена дрвна маса од 26.615 кубни метри и таа ковид година биле поднесени 466 прекршочни и 84 кривични пријави. Минатата година пак, во бедправни сечи се украдени 23.824 кубни метри и се поднесени 199 прекршочни и 72 кривични пријави.
Од ЈП „Национални шуми“ потенцираат дека казнената политика во однос на пожарите и бесправните сечи е доста блага и несоодветна и истата не ги обесхрабрува прекршителите и не придонесува за спречување на бесправните дејствија во шумата.
– Глобите утврдени во Законот за шуми се многу повисоки со однос на глобите во Законот за прекршоци, Законот за прекршоци во областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културносто наследство, заштита од природни и други непогоди. Согласно овие закони глобите се од 15 до 250 евра во денарска противввредност за физичко лице и од 15 до 500 евра за одговорно лице во правно лице и овластено службено лице – велат од „Национални шуми“.
Од неодамна ЈП „Национални шуми“ има нов ценовник за продажба на бука и даб. Оттаму велат дека иако цените се повисоки од порано, побарувачката на огревно дрво е во пораст.
По сето горенаведеното, логично се поставува прашањето, зошто граѓаните би купувале огревно дрво од дрвокрадци ако е со повисока цена од легалните стоваришта – било тие да се на ЈП „Национални шуми“ или од регистрирани приватни складови. Одговорот би бил, затоа што во легалните стоваришта секогаш го нема на залиха и мора да се чека со недели да го донесат, а оние кои бесправно го крадат веднаш го носат на бараната адреса.