Поради незаинтересираноста на надлежните за непочитување на правата од Колективниот договор за државната управа, локалната самоуправа и правосудните органи, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани соопшти дека има покренато активности за остварување на правото на регрес за годишен одмор за 2020 година по судски пат.
Заради остварување на правото на неисплатен регрес за годишен одмор за 2020 година, од Синдикатот на УПОЗ посочуваат дека преку претседателите на синдикалните организации презеле активности за доставување на полномошна од членовите за поведување на судска постапка. Посочуваат дека Синдикатот на УПОЗ преку неговата правна служба пред судовите бесплатно ќе ги застапува своите членови.
Оттаму сметаат дека ова е сериозно прашање за државата поради тоа што, како што велат, ќе биде оштетен нејзиниот Буџет и, доколку дојде до тоа, од Синдикатот на УПОЗ најавува дека дополнително ќе поднесат кривична пријава бидејќи и покрај обврската, некој не предвидел средства за оваа намена и со тоа дозволил да се направи огромна финансиска штета.
– При ова сакаме да напоменеме дека, ниту со Буџетот, ниту со ребалансот за оваа година не предвиде средства за оваа намена. Согласно колективниот договор, доколку за оваа 2022 година, заклучно со 31.12. не биде исплатен регресот, ќе следуваат нови тужби. Со оглед на тоа што регресот за 2021 година треба да биде исплатен а надлежните вешто го избегнуваат, за 2022 година не предвиделе средства во Буџетот, тоа ги девалвира колективните договори и обврските кои ги презема и смета дека ако таа сака, ќе ги реализира, ако не, не мора, не водејќи сметка за последиците, се наведува во соопштението на Синдикатот на УПОЗ.
извор: kanal5.com.mk