Општина Центар денеска распишува Јавен повик за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани, пензионери во социјален ризик со место на живеење на територија на општината.
Станува збор за доделување еднократна финансиска поддршка со цел да им се помогне на лицата од најранливата категорија граѓани, пензионерите во услови на тешка економска и енергетска криза. Оваа финансиска поддршка Општина Центар ја предвидува за приматели на пензија чиј износ е до 17.518,00 денари.
Висината на еднократната финансиска поддршка која Општина Центар ја доделува на повозрасните граѓани, пензионери во социјален ризик изнесува 1.500,00 денари.
Заинтересираните пензионери можат да аплицираат за добивање финансиска поддршка само ако се жители на Општина Центар и имаат пензија во рамките на горенаведениот износ.
За добивање на оваа финансиска поддршка треба да се достави, барање за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани – пензионери во социјален ризик, копија од лична карта, копија од трансакциона сметка и доказ од последна примена пензија (за месец октомври 2022 година). Општина Центар напоменува дека пензионерите кои сакаат да учествуваат во Јавниот повик не се обврзани лично да ги достават потребните документи туку тоа може да го направат и други членови на семејството или блиското опкружување.
Јавниот повик Општина Центар го отвора денеска, среда 23.11.2022 година и ќе трае до 07.12.2022 година. Барањето за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани – пензионери во социјален ризик е достапно во просториите на Општина Центар-Скопје, Архива на Општина Центар-Скопје (барака 6) и на веб страната на Општина Центар-Скопје https://www.centar.gov.mk/?p=16108.
извор: skopje24.com.mk