Навивачите од Јапонија се посебна категорија на луѓе. Толку се вредни што уште по првиот меч на Светското првенство меѓу Катар и Еквадор останаа и го исчистија ѓубрето оставено од навивачите.
Овие луѓе се навикнати на ред и дисциплина и истото го направија во Доха, иако тогаш не играше нивната репрезентација. За повеќето присутни тоа беше несекојдневна глетка, па ги снимија додека чистеа.
Групата јапонски навивачи објасни зошто го прават тоа:
„Ние Јапонците никогаш не оставаме ѓубре зад себе. Го почитуваме местото во кое престојуваме“, објаснија тие.
Вредните Јапонци предизвикаа низа позитивни реакции и коментари на социјалните мрежи. Уште од порано Јапонците стекнаа репутација на најдобри гости на меѓународните натпревари. Секогаш чистат зад себе, но и зад останатите. Исто вака се однесуваа и во Русија во 2018 година, како и сега во Катар. Нивниот пример треба да го следат и останатите навивачи, но тоа сепак е прашање на култура.
Затоа не е изненадување што Јапонците ги чистеа трибините и по победата на Јапонија над Германија, на четвртиот ден на Мундијалот. Германците беа поразени со резултат од 1:2 и беа шокирани од играта на противникот.