Од јавното претпријатије „Национaлни шуми“ се надеваат дека и во иднина ќе ги задоволат потребите на граѓаните за огревно дрво. Велат дека цените на дрвото растат во корелација со другите енергенси. Оттаму објаснуваат дека повеќе фактори влијаат на цената. Сепак, режиските трошоци се оние кои доминираат во формирањето на крајната цена, а поскапиот транспорт си го прави своето.
„Вкупните трошоци за производство на огревно и техничко дрво се составени од директни и режиски трошоци. Во директни трошоци влегуваат: трошоци за фазата сеча, дотур, утовар, растовар и превоз. Во режиски трошоци влегуваат: манипулативна режија (референти за искористување на шуми, манипуланти за дотур и превоз и самостојни референти за искористување на шуми), управо – продажна режија (одделенија за продажба и набавка, механичарски работилници и одделенија за општи и заеднички работи, трошоци за дирекција, одделенија за изградна и прочистување на патишта и одделение за одгледување и заштита на шуми). Покрај директните и режиските трошоци, во остварената цена на чинење влегуваат и законските обврски, односно издвојување на средства за проста и проширена репродукција на шумите“, велат од „Национални шуми“.
Податоците од „Национални шуми“ покажуваат дека македонските граѓани обично купуваат по 10 метри кубни дрво, а најбарани се дабот и буката.
„Имало години кога сме купувале по 3 метри кубни огревно дрво. Тоа било во времиња кога поголем дел од денот сме го минувале на работа и децата оделе на училиште, а сега кога семејството е поголемо, имаме и внуци, ни требаат по 8 - 9 кубни метри дрво“, раскажува наш соговорник.
За обнова на шумите, секоја година се пошумуваат од 400 до 500 хектари површина според проста репродукција. „Национални шуми“ пошумуваат голини, ерозивни места и подрачја кои биле зафатени со пожари.
Владата, на предлог на Министерството за економија, на почетокот на месецов донесе одлука за определување највисоки цени на огревно дрво од даб, од бука и пелети за огрев. „Замрзнатите“ цени на огревното дрво од даб и бука се утврдени во висина до 4.500 денари за метар просторен, односно до 6.429 денари за метар кубен (м3). Потоа, Државниот пазарен инцидент направил над 80 контроли на складиштата за огревно дрво и пелети и изрекол 12 казни.
Дури 49,18 отсто од домаќинствата во 2019 година ги затоплувале своите домови со огревно дрво. Oгревното дрво во земјава се употребува кај околу 40 отсто од домаќинствата во градовите и кај 85 отсто во руралните општини, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
извор: faktor.mk