Еднократните бонуси и зголемувањето на платите се меѓу мерките што големите европски компании ги преземаат за да им помогнат на своите вработени, пишува „Reuters“. Трошоците за живот во Европа растат, а сметките за енергија може да бидат предизвик за многумина во зима.
Повеќето се обложуваат на зголемување на платите. На почетокот на месецот „Lufthansa“ објави дека двапати ќе ги зголеми платите на 19.000 лица од кабинскиот персонал во 2023-та година. Од 1-ви јануари основната плата се зголемува за 250 евра, а од 1-ви јули за нови 2,5%. „Air France“ ги зголеми платите на своите вработени за 5% и обезбедува бонус од 1.000 евра.
„Volkswagen“, пак, повторно преговараше за платите на своите вработени во следните две години за 8,5 отсто и обезбеди еднократен бонус чија вредност по оданочување достигнува 3.000 евра. Друг производител на автомобили, „Stellantis“, на крајот на септември вети финансиска поддршка од 1.400 евра за повеќето свои вработени во Франција и почна да разговара за слична мерка за своите вработени во Италија. Во меѓувреме, синдикатите во Италија побараа зголемување на платите за 8,4 отсто во 2023-та година.
Францускиот производител „Renault“ во септември објави дека на своите вработени им дава еднократен бонус од 1.000 евра.
Во малопродажниот сектор, шпанскиот ланец „Dia“ соопшти дека ќе ги зголеми платите на своите вработени за 12 отсто во следните две години. Специјални бонуси ќе имаат и некои од пониско платените вработени.
Британска „Tesco“ планира порано да исплати 25 отсто од платите на своите вработени, а од почетокот на годината платата е зголемена за 8 отсто.
Од ноември, францускиот трговец на мало „Carrefour“ исто така ги зголеми платите на своите вработени за 2,5%, а за октомври дополнителни 100 евра беа префрлени на платите.
Трговецот на мало „Marks & Spencer“ најави зголемување од 7,4 отсто на минималната плата за своите вработени.
Гигантот за луксузни производи „LVMH“ објави дека ќе плати бонус од 1.000 до 1.500 евра на 27.000 свои вработени во Франција.
Можеби најмногу се следат енергетските компании кои остваруваат огромни профити во услови на рекордни цени на енергијата. Вработените во француската „TotalEnergies“ побараа зголемување на платите за 10%, па дури и штрајкуваа за да го принудат раководството да го исполни барањето. Преговорите се во тек откако беа прекинати неколкунеделните штрајкови на бензинските пумпи на компанијата.
Големите европски банки ќе им делат бонуси на своите вработени – од 500 евра за оние кои работат во „Intesa Sanpoalo“ до 2.500 евра во „Unicredit“. Предвидени се бонуси од 1.500 фунти за оние кои работат во „HSBC“.
извор: denar.mk