Решавање на станбеното прашање е едно од најважните во животот на секој човек. Да се има сопствен покрив над главата за себе и семејството претставува важен чекор кон сигурна иднина. Но, доколку немате сопствен дом, а планирате да го имате во блиска иднина, сигурно си поставувате безброј прашања. Едно од нив може да биде хипотетичко – колку години би требало да работите за да купите еден стан со просечна големина од 60 метри квадратни.
Тоа може да се пресмета со индекс, којшто предвид зема два основни фактори – просечната цена на недвижнината и просечната плата. Како појдовна основа се зема новоизграден стан од 60 метри квадратни. На информативната пресметка се додава просечната цена за метар квадратен. Да претпоставиме дека цената на еден метар квадратен е 1.000 евра, за стан од 60 квадрати ќе треба да се одвојат 60.000 евра. Доколку бруто платата е на ниво од 600 евра и во целост оди за отплата на станот, ќе бидат потребни нешто помалку од девет години да работите само за го исплатите станот.
Но, бидејќи не е возможно целата заработка да оди на исплата на станот, од платата треба да се одвојат трошоците на живот, со што бројот на години би се зголемил. Да претпоставиме дека трошоците би биле околу 200 евра (што понекогаш не е практично изводливо) ви преостануваат 400 евра за отплата на станот, па од девет периодот ќе се зголеми на скоро 13 години.
Експертите направија анализа според која во земјите од регионот се потребни 17,8 години некој со просечна заработка да купи стан од 60 метри квадратни. Но, бидејќи е неизводливо некој толку време да ја заштеди целата плата за стан, па ако од платата се изземат трошоците на живот баш над линијата на апсолутна сиромаштија, времето потребно за купување на стан расте на 23,7 години.
Според нив, во Сараево се потребни 8,9 години, во Загреб 9,5, во Подгорица 9,9 и во Скопје нешто над девет години.
Според овој индекс, како што се наведува, се анализира просечен новоизграден стан од 60 метри квадратни со заработка на вработен со високо стручно образование.
Кога се земаат предвид најскапите градови во светот, на жител во Хонг Конг ќе му биде потребна 21 година да работи само за стан, додека во Париз и Лондон се потребни 15, односно 14 години.
Секој може да си направи сопствена пресметка врз основа на параметрите со коишто располага, но добро е да се знае дека просечната цена на еден метар квадратен станбена површина во 2018 година, изнесува 43.155 денари, додека во Скопје достигна 46.764 денари. Исто така, според податоците на Државниот завод за статистика, бруто платата во октомври беше на ниво од 38.227 денари.
Македонската статистика за минатата година покажа дека речиси секој трети стан што е изграден минатата година е двособен. Од вкупниот број на изградени станови во 2018 година, најмногу се изградени трисобни станови (32,2%), а најмалку гарсониери и еднособни (9,8%). Учеството на двособните станови во вкупниот број на изградени минатата година е 31,8%, на четирисобните е 15,9%, а пет и повеќесобните 10,4%.
извор: radar.mk