Министерството за внатрешни работи информира дека утре (2 декември) СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на бул „Илинден“ поради најавен протест од приватните превозници кој ќе почне во 6 часот.
Како што информира МВР, посебен сообраќаен режим ќе има од крстосницата на бул „Илинден“ со бул. „Св. Климент Охридски“ до крстосниците со бул. „8 Септември“ и околните улици.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите од полициските службеници.
Со ново долго чекање во колони возила, хаос, загубено време, нервози… утрово се соочија жителите од скопската општина Аеродром. Сообраќајот одново беше "задушен" а долги колони возила се направија на главните булевари „Јане Сандански“ и „Кузман Јосифовски – Питу“. Возилата уште од 8 часот мошне бавно се движеа кон центарот на градот. Така беше и во понеделникот.
Се чини дека утринскиот дожд влијаеше на забавувањето на сообраќајот. Секако треба да се спомене и тоа дека кај Народна банка на Македонија се врши реконструкција на коловозот.
Но, која е вистинската причина за губењето на времето и нервозата на граѓаните? Треба да се бара решение за утринскиот „шпиц“ кој се' повеќе станува целодневен.
Ретко каде може да се видат сообраќајци – полицајци кои би помогнале да се воспостави ред и поголема проточност на поголемите крстосници. Не е направено ништо со што „зелените светла“ на семафорите би работеле макар и малку подолго време за да пропуштат повеќе возила од правецот на околните населби кон центарот на градот. Наместо тоа, семафорите имаат исто времетраење на сигналите како за таа колона возила така и за оние, многу помалку, возила кои од центарот одат кон околните населби.