Скопје изминатата недела имаше зимски температури, а со почетокот на декември ниските температури се и за очекување, сепак парно во Скопје има и ќе има.
Радијаторите на жителите на Скопје во текот на целата грејна сезона се топли.
„Набавен е гас од Макпетрол за цел декември за потребите на топланите во Скопје, а за декември е потпишан и договор за користење на топлинската енергија од ТЕ-ТО за затоплување на системот“ потврди премиерот.
Премиерот објасни дека гасот се набавува на 30 дена со оглед на фактот што така одат и продажбите со котации од минатиот месец и со движењето на он спот цените на берзата за тековниот месец при што финалната пресметка се прави на крајот од месецот.
ЕСМ со дел од средствата кои ги добива од Владата успеа да набави и гас за АД Скопје Север, каде изминатата недела имаше проблеми и прекини со снабдувањето. Со решавањето на овој проблем и набавка на гас, сега и жителите на Чаир и Бутел повторно добиваат топлинска енергија.
Деновиве се доставуваат и првите сметки за топлинска енергија од страна на ЕСМ Снабдување со топлина за граѓаните, а согласно најавите тие кои плаќаат на 12 рати добија сметки со иста висина како оние за август и септември.