Во 2023 година, земјоделците со своите бизнис планови, ќе може да аплицираат за грант од 10.000 евра, најави министерот за земјоделство на денешната прес конеференција, а за презентација на Буџетот за наредната година.
– За бизнис план во земјоделството е предвиден грант до 600.000 денари. Јавниот повик ќе трае цела година. Земјоделците не мора да брзаат и кога ќе бидат подготвени може да се јават на повикот – рече министерот.
Тој уште еднаш потсети дека од наредната година има нов модел на субвенционирање во земјоделството и дека ќе има авансна исплата за што се обезбедени 7 милијарди денари во Буџетот за 2023 година.
Министерот рече дека 2023 година ќе биде рекордна година во однос на мерките, но дека е зголемена и површината што се искористува за земјоделско производство.
– Храна ќе има доволно – дециден е министерот за земјоделството.
Тој рече дека особен фокус ќе има на сточарството и субвенциите за високомлечни крави ќе бидат зголемени за 30 проценти, а за овците 100 проценти.