Околу 600 илјади домаќинства до ноември треба да изберат од кого ќе купуваат струја следната година, кога се очекува да започне целосната либерализација на пазарот за електрична енергија
Според Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), понуда за домаќинствата се очекува да достават вкупно осум компании кои активно работат и имаат лиценци за снабдување. Покрај цената на струјата, тие ќе одлучуваат дали ќе остане евтината тарифа од два часа на ден.
Доколку домаќинствата не потпишат договор со никого, по автоматизам ќе се снабдуваат со струја од универзалниот снабдувач што допрва треба да се избере преку јавен оглас.
Секое домаќинство, особено малите потрошувачи имаат право од регулираниот пазар да отидат на слободниот пазар и да се вратат назад. Рокот е 21 ден. Дали ќе има пенали зависи од договорите на снабдувачите, а досега ваквата пракса покажа дека за домаќинствата нема казнени пенали, туку се оставаат слободно да избираат, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Согласно одредбите од новиот Закон за енергетика, според Бислимоски посебен акцент ќе се стави на ранливите категории кои нема смеат да бидат исклучени од струја во зимските месеци.
Во моментов 93 проценти од потрошувачите редовно си ги подмируваат сметките за струја.
Дополнително ќе се одлучува дали компаниите ќе можат да исклучуваат домаќинства за една неплатена сметка.