Предметот на таксата за престој вклучува услуги за ноќевање во сместувачки капацитети како што се хотели, мотели, туристички одморалишта, пансиони, апартхотели, кампови, бунгалови, планински куќи, како и сите други услуги што се нудат во сместувачкиот објект како што се услуги за пијалаци, активности, услуги за забава и користење на базени, спортски, термални и слични простори, соопшти турското Министерство за трезор и финансии.
Како што пренесува агенцијата Анадолу, давањето услуги за ноќевање во објекти како што се велнес и забавни центри нема да влијае на оданочувањето.
Статусот на државјанство или на престој на корисникот на услугата нема да се зема предвид при примената на данокот за престој.
Услугите за свадби, коктели, состаноци, конгреси, симпозиуми и слични организации што се нудат независно од ноќевањето нема да бидат опфатени со овој данок, се додава.
ДДВ нема да биде вклучен во основицата на таксата за престој, а нејзината утврдена стапка е два отсто.
Одлуката влегува во сила на 1 јануари 2023 година.