Надлежните бомбастично најавија дека се откажуваат од прогресивното оданочување, но сепак се очекуваат зголемени приливи во државната каса токму од даноците. Законските измени на даноците веќе се во собраниска процедура, а во измените на Законот за личен доход може да се види дека се планира укинување на прогресивното оданочување, а личниот доход ќе се терети со единствена стапка од 10 проценти. Сепак, кај доходот од добивки од игрите на среќа, данокот ќе биде 15 проценти.
Фактор дознава дека со сегашните измени на законот, одредени ослободувања од плаќање даноци кои досега се применувале, од први јануари, со изгласување на законското решение, веќе нема да важат. Благодарение на нивното укинување, или намалување на роковите, во државната каса ќе има повеќе пари.
Имено, се планира да се избришат ослободувањата кои ги добиваа секторите животно осигурување, доброволно здравствено осигурување, како и доброволно пензиско осигурување, кои досега спаѓаа во категорија даночно ослободени. Од следната година овие сектори ќе треба да плаќаат данок. Па така данок ќе се плаќа за уплатена премија за доброволно осигурување, како и за доброволно пензиско осигурување.
Согласно напишаното во законот, се очекува прилив и од наплата на даноци од капитални добивки, односно ќе се даночат заработените пари преку уддели во фондови, ако тие фондови ги поседува лицето над две години. Досегашните законски одредби предвидувале дека лицата кои имаат уддели нема да плаќаат данчни обврски до десет години, односно даноци ќе платат ако поседуваат акции или фондови над десет години.
Исто така новина е што со законските измени, ќе треба да се плаќа данок на имот кој се издава иако не се плаќа кирија. Имено, компании кои се сместени во имот на сопственикот на компанијата, и за тоа не плаќаат кирија, досега биле ослободени од даноци, но по нова година и тие ќе имаат даночна обврска.
Предлог законот ги содржи следниве решенија:
- - отпочнување со оданочување на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд стекнати од 1 јануари 2023 година;
- - промена на концептот на оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, во однос на периодот на поседување, стапката на оданочување и начинот на пресметување и плаќање на данокот;
- - укинување на ослободувањето од оданочување на уплатената премија за животно осигурување, уплатенa премиja за доброволно здравствено осигурување и уплатениот придонес во доброволен пензиски фонд за вработените лица;
- - утврдување на третман на непризнат расход на целиот износ на уплатената премија за животно осигурување кај самостојните вршители на дејност
- - доуредување на постапката на даночно изземање или намалување согласно со меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот кој го остварува странско физичко лице...