Како што велат од ТАВ Македонија Луфтханза ќе ги поврзе македонскиот главен град со главниот аеродром во Франкфурт нудејќи летови од Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден во неделата, а во некои денови ќе лета по два лета неделно, со авиони од видот: ербас A319, ербас A320 и ербас A321.
- Среќни сме што Луфтханза одлучи да влезе на македонскиот пазар, со отпочнување на летови на релација Франкфурт – Скопје. Ова значи дека Меѓународниот Аеродром Скопје од април следната година ќе биде поврзан со аеродромот во Франкфурт, кој е главното германско авијациско седиште и еден од најважните трансфер-аеродроми во Европа. Дополнително, високата честота на летовите – авиокомпанијата ќе лета секој ден во неделата, а во некои денови и по два пати дневно, дава одлична флексибилност за нашите патници кои патуваат за Германија и оние што се поврзуваат со Европа и Северна Америка. Оваа нова конекција е особено важна за патниците кои патуваат за бизнис-цели и ќе понуди нови опции за авионскиот карго-превоз кон Германија, која е главен трговски партнер на Северна Македонија, се нагласува во соопштението од ТАВ Македонија.
Како што велат од Луфтханза, летовите на релација Франкфурт-Скопје се планирани да бидат привлечни и за деловните патници и за туристите.
Продажбата на авиобилетите е веќе почната. Сите информации за цени и резервации на авионските карти се достапни на веб-страницата на Луфтханза: https://www.lufthansa.com/, како и кај лиценцираните туристички агенции кои вршат продажба на авиобилети.