И Република Македонија ќе го укине зимското сметање на времето доколку одлуката на Европската Комисија успешно помине во Европскиот Парламент.
Од Владата соопштуваат дека укинувањето на летното и зимското сметање на времето во Македонија би било дел од интегративните процеси на земјава во приближувањето на целокупното законодавство кон европското.
За бизнисмените, оваа одлука е логично да се примени и кај нас, бидејќи најголемиот трговски партнер на Македонија е секако ЕУ.
Дали стрелките на часовникот ќе се поместат за последен пат оваа есен ќе зависи од одлуката што Европскиот Парламент допрва треба да ја донесе.
Досега, за укинување на летното време се изјаснија Литванија, Естонија, Летонија и Финска. На онлајн анкетата на која гласаа 4,6 милиони европејци, дури 84 проценти се против тоа стрелките на часовникот да се поместуваат два пати годишно.
Зимското и летното сметање на времето во Македонија но и во Европските земји е воведено во 1996 година. Стрелките на часовниците се поместуваат два пати годишно. Во последната недела од март и последната недела од октомври.