Прочитајте Дали ќе поскапат патарините?
Нивните работни позиции бараат високософистицирано знаење, прецизност, креативност и одговорност, но заработуваат дури и трикратно повеќе од просекот, во зависност од специјализираноста во професијата, работното место и искуството.
Вака најкратко може да се опишат професиите кои се највисоко платени во земјите од регионот и за кои кај младите постои се повеќе интерес, не само од аспект на финансиите, туку и од аспект за можноста за личен развој и просперитет.
Она што е заеднички именител за речиси сите земји во регионот е фактот дека услужните дејности како финансиите, информатичките технологии и комуникациите, се во врвот на најплатените дејности на пазарот на трудот.
Но кои точно професии се најплатени во земјите од регионот и колку изнесуваат нивните месечни плати во просек?
Северна Македонија: Програмерите со највисоки примања
Програмерите со години наназад веќе се најплатени во Северна Македонија. Според податоците од Државниот завод за статистика, платата во дејноста компјутерско програмирање изнесува 83.897 денари (1.364 евра), што е речиси три просечни плати во земјата, доколку се знае дека просечната плата изнесува 32.553 денари (529 евра).
По програмерите, следат вработените во дејноста на транспортот (Транспортни услуги) чија плата според официјалната статистика изнесува 53.405 денари (868 евра). Трети на листата најплатени професии се дизајнерите кои се бават со различни графички услуги, а нивната плата изнесува 52.758 (857 евра). По овие три најплатени професии, следуваат вработените во фармацијата, авијацијата, банкарскиот сектор, како и вработените во дејноста на маркетингот. Нивните плати во просек изнесуваат околу 51.330 денари односно околу 835 евра. Србија: Растат платите на програмерите
Нешто повеќе од три просечни плати во Србија заработуваат вработените во областа на компјутерското програмирање, со што оние кои работат во овој сектор ги прави најплатени во Србија. Во просек тие заработуват 242.333 динари (околу 2.000 евра), додека просечната плата во земјата изнесува 74.981 динар или 639 евра.
Официјалните податоци покажуваат дека во споредба со податоците од минатата година платата на компјутерските програмери е повисока за 36,5 отсто. Според податоците од Републичкиот завод за статистика на Србија, второто место на најплатените професии го заземаат пилотите, односно вработените во областа на воздушниот сообраќај. Тие месечно заработуваат 183.609 динари или околу 1.500 евра. На третото место според висината на примањата во Србија се вработените во областа на научното истражување и развој со просечна заработка од 151.629 динари (околу 1.300 евра). По нив следуваат вработените во експлоатација на сировата нафта и природен гас, како и вработените во производство на кокс и деривати на нафта. Нивните месечни примања изнесуваат околу 1220 евра.
Директори за продажба и финансиските менаџери со највисоки плати во БиХ
Епитетот сектор со највисоки примања во Босна и Херцеговина го има секторот Финансии и осигурување. Според достапните податоци, финансиски менаџер просечно месечно заработува околу 1.800 КМ (920 евра), а директор на продажба заработува околу 2.300 КМ (1176 евра), додека во банкарскиот сектор, директорите на филијали во просек имаат месечна плата во износ од 1.900 КМ (970 евра), а секторските раководители по 1.700 КМ (870 евра).
Вработените во ИТ секторот се исто така меѓу најплатените во Босна и Херцеговина. Платата на ИТ проект менаџер изнесува 1900 КМ или 971 евра. Софтвер инжинерите со магистерска диплома се меѓу најплатените занимања во Босна и Херцеговина, а во просек заработуваат околу 1.800 конвертибилни марки (КМ) односно околу 920 евра, додека софтвер инженерите со додипломски студии просечно се платени околу 1.560 КМ (798 евра). Проект менаџерите во ИТ индустријата и ИТ специјалистите се платени во просек 1.750 КМ (895 евра), додека ИТ менаџер просечно заработува просечно околу 1.700 КМ (869 евра).
Меѓу најплатените професии во БиХ се и менаџерите на фармацевските производи кои заработуваат околу 1.300 евра просечно, додека фармацевтите заработуваат двојно помалку од ова сума.
Просечната плата во Босна и Херцеговина изнесува 1.154 конвертибилни марки или 589 евра.
Секторот финансии и осигурување со највисоки плати во Црна Гора
Вработените во дејностите на финансиите и осигурувањето се најплатените во Црна Гора. Просечната плата во овој сектор изнесувала 1.541 еврo, додека просечната плата генерално во земјата изнесувала 720 евра, покажуваат последните податоци на црногорскиот завод за статистика Монстат.
Вработените во секторот на вадење руда и вадење камен се трети по ред според висина на просечната плата која изнесува 1.124 евра. По нив следат, вработените во секторот Информации и комуникации со плата од 1.115 евра, додека 1.070 евра месечно заработуваат вработените во секторот здравство и социјална заштита. Меѓу најплатените во Црна Гора се и агентите за недвижности, чии месечни примања просечно изнесуваат 1.062 евра.
Финансии и осигурување - Сектор со највисоки плати во Албанија
Заводот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) во својот последен извештај за третиот квартал од 2022 година, бележи дека платата во секторот Финансии и осигурување е највисока во земјата, и изнесува околу 1.120 евра (119.135 леки). Потоа следува секторот Информации и комуникации каде платата изнесува околу 1.032 евра (93.910 леки). Раководителите, законодавците и вишите службеници во државата администрација заработувале околу 882 евра (102.156 леки)
Според последните официјални статистички податоци, просечната плата во Албанија изнесува 533 евра (61.613 леки)
Кои професии се најплатени во Косово?
Програмерите, графичките дизајнери и генерално луѓето кои се бават со информатичките техниологии и во Косово, како и во останатите земји од регионот, се меѓу најплатените, со тоа што нивната плата зависи од специјализираноста во дејноста. Поради тоа, платите во овој сектор изнесуваат од 500 евра до неколку илјади евра.
Според последно објавените податоци од Агенцијата за статистика на Косово, просечната плата во 2021 година, според економските активности, била највисока во секторите: Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (949 евра) и Информации и Комуникации (757 евра). Најниска плата била за активностите поврзани за услугите за сместуваење и исхрана (281 евра).
Просечната бруто плата во Косово изнесува околу 480 евра.