Романија одобри нацрт-закон со којшто жените ќе добијат право на бесплатно психолошко советување по породувањето. Досега тоа им беше достапно само додека се во болница.
Иницијаторите на законот, инаку претставници од опозицијата, сметаат дека сегашниот систем е недоволен, бидејќи во месеците по раѓањето на детето се случуваат големи емоционални и психолошки предизвици.
Согласност дале и мнозинството парламентарни партии, а според новиот закон, жените ќе можат да побараат и добијат помош во месеците по породувањето.
– Многу мајки во себе страдаат од постпородилна депресија, а не можат да си дозволат терапија. Менталното здравје на мајката е исто толку важно како и физичкото здравје, а страдањето може да се надмине само ако престанеме да го игнорираме проблемот, вели авторот на предлог-законот.
Според Светската здравствена организација, 13 отсто од мајките страдаат од постпородилна депресија. Неодамнешна статистика на „Спасете ги децата“ (Save the Children) за Романија откри дека речиси половина од мајките помлади од 15 години во ЕУ, се од Романија.