Пред новогодишните и божиќни празници, зголемена е фреквенцијата на возила и патници на граничниот премин „Табановце“ на македонско-српската граница за влез во државата. Тоа создаде гужви на границите, па граѓани од преминот кажуваат дека синоќа чекале и до два ипол саата за да влезат во државата.
„Имаше невидена гужва, беа во функција сите ленти, ама никој не кажуваше каде да се движиме. Подоцна се правдаа дека паднал системот на српската страна“, кажува читател.
Од МВР потврдуваат дека најголема фреквенција имало вчера во попладневните часови и во текот на ноќта, а сите ленти на ГП „Табановце“ се подготвени и работат на проток на патници, додека времето на чекање е околу 15-20 минути.
„Во периодот од 00.00 часот на 23.12 до 10.00 часот на 24.12 на ГП Табановце во земјава влез оствариле 13.007 домашни и 5.544 странски државјани, или вкупно 18.551 патник, а излез оствариле 4.259 домашни и 4.421 странски државјанин, или вкупно 8.680 патници. Тоа би значело дека 17.266 домашни и 9.965 странски државјани поминале на ГП Табановце за влез и излез од државата, односно вкупната бројка на патници во периодот е 27.231“, одговорија од МВР на нашите прашања.
Од граничниот премин ни кажаа дека зголемениот проток на возила и патници започнал од почетокот на неделата, а се очекува шпицот да биде овој викенд. Гужвите се обично во попладневните часови, додека од сабајле е порелаксирано. Патниците се најчесто со автомобил, наши државјани кои живеат и работат во европските држави, но има и странци кои транзитираат низ Македонија кон Турција и Грција.