Прочитајте: Жените во Шпанија добија три дена менструално отсуство месечно
Жените во Северна Македонија заработуваат помалку од мажите и се помалку активни на пазарот на труд. Во државата постои родова сегрегација на работните места, а бројот на запишани ученици во основното и средното образование драстично опаѓа. Ова го покажуваат податоците во публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија” која ја издаде Државниот завод за статистика. Во неа исто така е наведено дека постојат родови стереотипи кои го одредуваат образованието на момчињата и девојчињата. Во продолжение презентираме дел од најважните податоци од публикацијата кои се однесуваат на пазарот на труд и образованието.
Стаклен плафон за платите на жените
Иако кај жените постои тренд на зголемување на платата и тој е поттикнат од зголемувањето на минималната плата во секторите како текстилната и кожарската индустрија во кои несразмерно поголем број од вработените се жени сепак постојат исклучоци. И тоа кај платите повеќе од 40.000 денари месечно, во која жените не оствариле значителен напредок.
„Ова укажува дека за жените постои стаклен плафон во поглед на работните места со највисоки нивоа на плати. Мажите преовладуваат на работните места со повисок статус, а жените сè поретко на раководни места” се вели во публикацијата.
Родова сегрегација
Статистичарите дојдоа и до заклучок дека жените доминираат во финансискиот, образовниот и во здравствениот сектор, додека големо мнозинство од вработените во рударството, градежништвото и во транспортот се мажи. Мажите се позастапени и во земјоделството, трговијата, снабдувањето со електрична енергија и вода и во угостителството. Работата во јавниот сектор, приватните услуги и во производството е родово урамнотежена во поглед на учеството на вработените.
Помалку активни жени на пазарот на трудот
Жените на возраст од 15 години и повеќе се значително помалку активни на пазарот на труд од мажите од истата возрасна група. Иако во Северна Македонија може да се забележи тренд на прогресивно намалување на учеството на економски неактивни жени од 2000 година наваму. Сепак, целокупниот родов јаз во учеството во работната сила опстојува бидејќи и кај мажите исто така се забележува зголемена вработеност.
„Во 2020 година стапката на учество на жените на пазарот на трудот изнесуваше 45,7%. Тоа значи дека 54,3% од жените би се сметале за економски неактивни. За споредба, во истата година стапката на учество на мажите на пазарот на трудот изнесуваше 67,1%, што остава само 32,9% од мажите што би се сметале за неактивни”, се вели во публикацијата.
Извор: macedonian.trtbalkan.com