Јапонската Влада нуди милион јени (7.500 долари) по дете на семејствата што ќе се иселат од главниот град Токио, со цел да ја насочи популацијата кон послабо населените региони во земјата.
Властите во Јапонија ги засилуваат стимулациите за да ги намамат луѓето во помалите регионални области со мала, главно постара популација.
Стимулациите чиј износ е многу поголем во споредба со минатогодишниот надоместок за „преселување”, ќе бидат дистрибуирани во април, објавуваат јапонските медиуми.
Иако населението во Токио минатата година за првпат забележа намалување што делумно се препишува на епидемијата на коронавирусот, властите веруваат дека треба да се направи повеќе за да се намали густината на населението во градот и да се охрабрат луѓето да започнат нов живот во делови од земјата каде има стареење на населението како и миграција на помлади луѓе кон центрите како Токио, Осака и другите големи градови.
Финансиската поддршка ќе им биде понудена на семејствата кои живеат во 23 централни области на Токио и соседните префектури Саитама, Чиба и Канагава.
За да ги добијат бенефициите семејствата треба да се преселат надвор од поширокото подрачје на Токио, додека некои би можеле да добијат пари ако се преселат во планинските области околу градот.
Владата се надева дека до 2027 година околу десет илјади луѓе ќе се преселат од Токио во руралните области.