Компанијата уште минатата година најавила посебна наплата за претплатниците кои ги делат своите профили, а конкретниот датум за воведувањето на нова работна политика тогаш не бил наведен.
Во финансискиот извештај од четвртиот квартал од минатата година објавен минатата недела, „Netflix“ открива дека на корисниците ќе им понуди платена верзија за делење на профили на платформата. Оваа услуга би требало да стане активна кон крајот на март.
„Широко распространетото делење на лозинки (повеќе од 100 милиони домаќинства) ја загрозува нашата долгорочна способност да инвестираме во подобрувањето на „Netflix“. Иако условите за користење дозволуваат употреба на еден профил во едно домаќинство, принудени сме да воведеме промена која ќе го намали бројот на споделување на лозинки“, се наведува во писмото пратено до акционерите.
Ако „Netflix“ го укине делењето на профилите, може да се намали бројот на претплатници
Од компанијата велат дека во текот на минатиот период напорно работеле на создавање на дополнителни функции кои го унапредуваат корисничкото искуство, вклучувајќи ја можноста претплатниците во секој момент да знаат со кој уред се пристапува на нивниот профил. Воведена е и опција за пренос на активниот профил на нов.
Истражувањата покажуваат дека четвртина од вкупниот број на корисници планира да ја напушти платформата по истекот на претплатата, и покрај квалитетот и разновидноста на содржините кои ги нуди „Netflix“. Овие податоци не се во склад со целите на компанијата за зголемување на бројот на корисници. Поради тоа менаџментот на компанијата кон крајот на минатата година размислувал за воведување на намалена претплата за профилите кои имаат пристап до содржината со платени реклами, пренесува „New York Post“.
Во компанијата се свесни за ризикот кој го носи новата деловна одлука. Би требало да се очекува пад на вкупниот број на клиенти кои имаат пристап до содржината на популарниот сервис. Сепак, менаџментот на „Netflix“ ги уверува корисниците дека и покрај непопуларните мерки, бројот на претплатници со време ќе продолжи да расте, бидејќи сервисот во годините кои доаѓаат ќе продолжи со емитување на врвни филмски содржини.
Само да ве потсетиме на еден твит од 2017-та година:
Кон средината на ноември минатата година, „Netflix“ издаде соопштение во кое ги повикува корисниците да воспостават дополнителна контрола над профилите. Опцијата е достапна на „iOS“ и „Android“ платформите, но и преку пребарувачите на десктоп компјутерите. Сопствениците имаат можност да откријат „слепи патници“ на основа на IP адреса и локацијата на пристапните уреди.