Германија планира двојно да го зголеми бројот на работни визи за луѓето од Западен Балкан, од сегашните 25.000 годишно на 50.000
Можеби ќе ве интересира: На Грција и недостигаат 280.000 работници во градежништвото, туризмот и угостителството
Во оваа насока германските синдикати предупредуваат дека странските работници може да бидат злоупотребени како евтина работна сила на своја штета, но и на штета на другите работници.
Членот на одборот на директори на Конфедерацијата на германските синдикати (ДГБ), Евелин Редер, предупреди дека работниците мигранти во голема мера зависат од работодавецот за кого работат, бидејќи нивното работно место е поврзано со нивната дозвола за престој, што ги тера на страв дека ќе бидат вратени ако не се послушни.
Дополнително, печалбарите често не зборуваат германски и не се информирани за своите права, па се согласуваат со услови за работа кои се полоши од пропишаните со закон, рече Редер.
Според неа, вработување на странски работници треба да се дозволи само во фирми кои имаат колективен договор.
Поради постојаниот недостаток на работна сила во земјата, германската влада планира да ја либерализира легислативата за трудовата миграција, а дел од тој пакет е т.н. „западнобалканско правило“ за кое треба да разговара на 1 март.
Тоа правило предвидува две важни измени: од една страна ограничувањето на важноста на таа мерка до крајот на 2023 година треба да се укине, односно да стане трајно правило во иднина.
Од друга страна, се очекува двојно зголемување на квотата за трудови мигранти од Западен Балкан – од сегашните 25.000 годишно на 50.000.
„Западнобалканско првило“ беше воведено по големиот бегалски бран во 2015 и 2016 година, а целта беше да се решат два проблема: спречување на неконтролираното доаѓање на барателите на азил и ублажување на недостигот на работна сила.
Во тие години во Германија пристигнаа повеќе од милион бегалци, пред се од Сирија, но и голем број луѓе од Западен Балкан – од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
Додека сириските воени бегалци обично добиваа азил брзо, само околу пет проценти од мигрантите од Западен Балкан добија азил.
Три четвртини од работниците во Германија од Западен Балкан работат на градилишта, во угостителството и обезбедуваат грижа за стари и болни лица.
Извор: biznisinfo.mk