Во најразвиените европски земји само 10-тина проценти од расходите во семејствата се трошат за храна и безалкохолни пијалоци. Сепак, и во ЕУ има разлики, па дел од земјите, како Романија, Литванија, Бугарија трошат од 20 до 24 проценти од вкупните расходи за овие намени.
Сепак, процентот кој македонските семејства го одвојуваат од семејниот буџет само за храна и безалкохолни пијалоци е многу поголем и претставува многу сериозен трошок. Дури 47 проценти од потрошувачката на домаќинствата е наменета само за основните потреби.
Последните податоци кои ги објави „Евростат“ покажуваат дека во 2021 година, домаќинствата во ЕУ потрошиле над 1.035 милијарди евра - што е еквивалентно на 7,1 отсто од вкупниот БДП на ЕУ за храна и безалкохолни пијалоци.
Притоа ова опфаќа 14,3 отсто од вкупните расходи на домаќинствата. Споредено со 2020 година, кога тој опфат бил 14,8 проценти, има намалување од 0,5 процентни поени.
Бројките покажуваат дека најголем дел од семејниот буџет за храна и безакохолни пијалоци се троши во Романија, каде трошокот достигнува 24,8 проценти. Потоа следува Литванија со 20,4 отсто, па соседна Бугарија со 20,1 процент, па Естонија каде 19,9 проценти одат на основни трошоци.
Спротивно на нив, најмали трошоци за основни потреби од Европските земји има во Ирска каде се одвојуваат само 8,3 проценти за храна, па Луксембург каде девет отсто одат на храна, додека во Австрија овој трошок достигнува 10,9 проценти, по што следуваат Данска и Германија каде за храна и безалкохолни пијалоци се трошат 11,8 отсто.
Во нашата земја трошоците за основни потреби се далеку повисоки. Во една од публикациите на ДЗС е пресметано оти просечно домаќинство во Македонија наменува високи 67,2 проценит од својата потрошувачка за основни потреби како храна, облека, домување и покуќнина.
Табелата покажува дека домаќинствата во земјава во 2021 година потрошиле 47,1 отсто за храна и пијалоци.
Бројките кои ги објавува Сојузот на Синдикати на Македонија покажуваат дека во текот на минатата 2022 година, поради инфлацијата имаме значителен раст на цените што доведе до значителен пораст на трошоците за минималната кошница.
- На едно четиричлено домакинство за преживување согласно пресметките на Синдикалната минимална кошница во јанауари 2022 година му биле потребни 35.811 денари. Вредноста на истата за една година го бележи најголемото зголемување од 2011 година од кога и ССМ ја пресметува и истата во декемри 2022 година изнесува 43.163 денари. Со огромната инфлација, таа изнесува 51.234 денари или во спредба со почетокот на годината зголемена е за 15.424 денари – објавија синдикалците.