На Отворениот ден за студенти во АПТИВ Сервисес Македонија кој се одржа на 15-ти мај, компанијата имаше можност да ја претстави работната атмосфера, дел од менаџерскиот тим, како и актуелните можности за пракса, работа и стипендии, пред големиот број на заинтересирани студенти од техничките факултети.
Настанот започна со обраќање на Генералниот Директор на АПТИВ Сервисес Македонија – Боријан Борозанов, кој срдечно ги поздрави студентите и ги повика да аплицираат на отворениот повик за стипендијата Питер Гросман.
„Минатата година за првпат ја воведовме оваа престижна стипендија во чест на Питер Гросман – Директор на производствен инженеринг на АПТИВ - Европа, Среден исток и Африка. Во склоп на истата, на студентите им се доделува работен проект и ментор кој континуирано го следи нивниот напредок. Стипендијата подразбира пракса во траење од месец дена во текот на летниот период, која може да се продолжи во зависност од потребата и желбите на самите студенти. Веруваме дека ова е одлична шанса за нивно запознавање со фабриката, начинот на работење и самата работа култура.“ – посочи Борозанов.
Афродита Гоцевска – Mенаџер за човечки ресурси во АПТИВ Сервисес Македонија изјави дека во компанијата моментално работат околу 500 вработени.
„Во АПТИВ се полага големо внимание на развојот на вработените, на нивните знаења и вештини. Креираме позитивна работна атмосфера во која препознаваме и градиме експерти и лидери. Сите работиме како тим кон една заедничка цел.“
Една од поранешните практиканти – студентка на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Лаура Трајаноска изјави:
“Јас сум дипломирана студентка на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Сум носител на стипендијата Питер Гросман во 2017 година кога ја спроведував практичната работа на тема “Анализа на резултатите од електричните тестови“, која воедно беше и мој дипломски труд. Работевме под менторство. Сите оние колеги со кои работев ми предадоа многу големо знаење. Навистина ми помогнаа во однос на работите што не ги знаев и ми го надоградија знаењето што веќе го имав стекнато.“
Дипломирав во јануари 2018 и денес работам во одделот за производствен инженеринг во Аптив Сервисес Македонија.“
Инаку, АПТИВ е еден од најголемите добавувачи во автомобилската индустрија, што испорачува напредни електронски и безбедносни решенија за производителите на возила ширум светот. Оваа компанија за првпат беше отворена во Македонија во 2016-та, под името Делфи Електроник Системс во технолошко-индустриската развојна зона во Бунарџик.
Во склоп на Отворениот ден, на студентите им беше овозможен пристап во производствената хала каде се запознаа со производствениот процес, а на крајот присуствуваа и на неформален коктел за вмрежување, на кој студентите добија одговори на сите поставени прашања од страна на менаџментот.
На овој ЛИНК може да ја погледнете целосната видео-репортажата од Отворениот ден во АПТИВ и потпишувањето на договори за доделување стипендии, која директно ја доловува работната атмосфера и позитивните импресии на студентите.
По искажаниот огромен интерес на студентите за компанијата, следуваше период во кој сите заинтересирани студенти аплицираа за Питер Гросман стипендија, беа интервјуирани и 11 (единаесет) од студентите на додипломски студии од јавните и приватните универзитети во Република Македонија, кои потпишаа договор за стипендија и со тоа станаа стипендисти на најиновативната компанија во светот.