Албанскиот институт за статистика, ИНСТАТ, во извештајот за секторот туризам наведува дека минатата година земјата ја посетиле 7,5 милиони странски туристи, кои одлучиле одморот да го минат во оваа земја не само во летната, туку и во другите сезони од годината, јави државната информативна агенција АТА.
Споредено со 2021 година тоа значи 1,9 милиони туристи повеќе и 18 отсто повеќе од 2019 година, која досега го држеше рекордот по посетеност.
– Исто така, извештајот дава интересни податоци за новите пазари кои рапидно растат. Така, 85 отсто повеќе посетители има од Англија, 3,7 пати повеќе посетители од Шпанија, двапати повеќе од Словенија, трипати повеќе од Холандија, 84 отсто повеќе посетители од Турција, двапати повеќе од нордиските земји, наведува агенцијата.
Би можело да ве интересира: Која земја во регионот има најмладо население?
Традиционално многубројни се туристите од Косово и Северна Македонија, како и други балкански земји.
Според агенцијата двапати е повисок бројот на странските туристи кои во Албанија престојувале во јануари годинава, споредено со истиот месец минатата, што е добар предзнак за успешни резултати во туристичкиот сектор.