Продажбата на летните аранжмани за 2023 година веќе започна пишува Вечер-а од туристичките агенции се задоволни од интересот на граѓаните за ран букинг. Велат дека најголем интерес има за Грција, но, исто така, многу барани се и Албанија, Црна Гора и Турција. Поради инфлацијата цените на сместувањето во Грција годинава се зголемени од 20 до 30 отсто, а во Хрватска за 40 отсто. Но Хрватска не е толку посетувана дестинација од македонските туристи не само поради тоа што е скапа, туку и поради далечината, велат од агенциите.
Некои од туристичките агенции што ги контактиравме велат дека поради големите попусти за ран букинг, аранжманите за претсезона веќе се распродадени, а аранжманите за ова лето се поскапени за над 20 отсто во однос на лани.
– Сè е пуштено во продажба, а голем дел од аранжманите во претсезона, поради големите попусти, се веќе распродадени. За претсезона, попустите изнесуваа околу 50 отсто, а приватните апартмани се веќе распродадени. Така, на пример, за Евиа, каде што цените се движат од 60 до 70 евра за човек со превоз и сместување во јуни и во септември, нема веќе слободно место во приватните апартмани. И покрај тоа што аранжманите за летување годинава се поскапени за над 20 отсто во однос на лани, има голем интерес за апартманско сместување во Грција за јули и за август – вели за весникот ВЕЧЕР, Елена Дренковска.
За разлика од лани, годинава има поголем интерес за ран букинг, бидејќи нема рестриктивни мерки. За закуп на апартмани во Грција, сè уште важат попустите, кои почнаа во декември, а цените за приватно сместување се движат од 300 евра, па нагоре. Во хотелите, во претсезона, цените за ноќевање со појадок се движат од 130 до 150 евра за лице, а во Турција е малку поскапо и цените за престој во хотел со авионски превоз се движат од 350 евра за лице, па нагоре.
целиот текст ТУКА