Влеговме во месецот кога ќе треба да направиме и промена на стрелките на часовниците, условно кажано, бидејќи веќе повеќето се дигитални. Сепак, она што е сигурно е дека ќе имаме еден час помалку сон.
Летното сметање на времето во Македонија почнало да се користи од 27 март 1983 година, кога почнало и кај останатите југословенски републики. Од 1996 година е регулирано со Законот за сметање на времето.
Денес сите земји во Европа, со исклучок на Исланд, Белорусија, Турција, Русија, Казахстан, Грузија, Ерменија и Азербејџан, а плус Израел и Либан, во ист ден го менуваат времето, а разлика може да се јави само во часот кога тоа се прави, но тоа најчесто е еден или два часа разлика.
Годинава летното време ќе почне в недела на 26 март, рано ноќта кога во 2 часот часовникот ќе стане 3. Таа ноќ ќе спиеме еден час помалку, но денот ќе се зголеми и сонцето подоцна ќе заоѓа.
Од 2019 година во ЕУ постои предлог да се укине сезонското менување на времето на летно и зимско, но согласност не е постигната. Европскиот парламент ја поддржа иницијативата, но земјите-членки не ја усвоија. Доколку во иднина оваа иницијатива добие зелено светло, многу веројатно е дека ќе има домино ефект и врз земјите кои не се членки на ЕУ, вклучително и Македонија.
Земјите од Северна Америка, со исклучок на Гренланд кој времето го менува по европски терк, промената ја прават втората недела од март, наместо последната. Така, годинава тие часовниците ќе ги поместат рано ноќта на 12-ти.
Извор: kajgana.com