Сè уште недостига персонал во кумановскиот старски дом. Надлежните информираат дека нема согласност од ресорното министерство иако фалат негувателки, медицински сестри и технички персонал. Проблемот го решаваат со прераспределби. Во оваа установа престојуваат 160 корисници...
Со прераспределба на персонал и ангажман на фирма за чистење домот за стари лица „Зафир Сајто“ од Куманово го решава проблемот со недостаток на кадар. Институцијата околу осум месеци не располага со доволен број на негувателки, медицински сестри, технички персонал. Надлежните велат поради непознати причини, ресорното Министерство за труд и социјална политика не дава согласност за вработувања. Но сепак дополнуваат одговараме на потребите на корисниците и установата функционира нормално.
„Се трудиме да ја одржиме институцијата на нозе и да преживееме и во тоа успеваме на начин што тој кусок од кадар ангажиравме надворешна фирма која сега се грижи за домот, релативно сме задоволни од тоа што го добивме. Направивме прераспределба на персоналот во институција, и стоиме цврсто на исполнување на јавниот интерес“, вели Дејан Стојановски, директор на Дом за стари „Зафир Сајто“ Куманово.
Би можело да ве интересира: Саем за сезонско вработување во туристички сектор во Охрид
Во кумановскиот дом во моментов престојуваат речиси 160 корисници од повеќето градови од земјава. Капацитетот на установата е 180 легла.
„Никогаш не сме биле преполни и не сме имале такви проблеми, наша обврска треба да остане постоечкото што го имаме и условите да ги подобруваме не само корисниците да имаат добри услови туку и исполнети денови, а тоа најмногу зависи од персоналот“, дополнува Стојановски.
Поради кризите установата беше принудена да ја покачи цената за престој. Но според надлежните тоа било услов за нормално функционирање на установата. Ковид мерките се веќе олабавени, но сепак маските остануваат задолжителни.