Моментално продажната цена во месарниците и во маркетите е 500 денари, а вообичаено е неговата цена да расте пред празниците.
И покрај тоа што сточарите се жалат дека откупната цена вообичаено паѓа пред велигденските празници, така од 200 денари килограм колку што беше за Нова година, сега падна на 180 денари за килограм жива мера. Трговците ја користат можноста и ги качуваат цените кога има зголемена побарувачка. И покрај најавите, Владата се уште не ги замрзна цените на месото, така што и овој Велигден ќе јадеме скапо јагнешко.
-Секоја година имаме проблем со откупната цена на јагнешкото. За Нова година се откупуваше за 200 денари, а сега падна на 180 денари за килограм жива мера. Како што се доближуваат велигденските празници, откупната цена ќе паѓа, а онаа во месарниците ќе се качува. Тоа е така секоја година. Мислам дека вештачки е турната цената. Кога е сезона и кога треба да се откупат поголеми количества, тогаш откупувачите ја спуштаат цената, изјави за весникот ВЕЧЕР, Митко Јанков претседател на „Агроцентар“ од Велес.
Тој апелира до сточарите да ги чуваат јагнињата и да не ги продаваат под 200 денари и покрај тоа што некој откупувачи се обидуваат да им ги проценат по пониска класа и да им ги земат поевтино. По најавите за замрзнување на малопродажната цена на месото, сточарите бараат да се замрзне и откупната цена за да не може трговците да манипулираат со нив.
Би можело да ве интересира: Ќе има ли јајца за Велигден – Владата денеска одлучува за замрзнувањето на цените
-Секој трговец има договор да откупи одредено количество на јагниња, и ако не го испочитува тоа ќе плаќа пенали. Ние немаме доволно јагниња и затоа мора да се откупат сите, додава Јанков.
Јагнето вообичаено пред велигденските празници се извезува во Италија и Хрватска. Во Италија нашето јагне се продава по многу висока цена од 15 до 20 евра за килограм, а на сточарите им го откупуваат по 180 денари за килограм
Јанков вели дека и на домашниот пазар цената на јагнешкото се доближи до 10 евра за килограм. Вели дека не знае дали ќе има замрзнување на цената на месото пред Велигден, но вели дека цената сепак ќе биде висока за граѓаните и ќе се движи околу 500 денари за килограм.