В недела почнува летното сметање на времето. На една третина од Германците, промената им предизвикала здравствени проблеми, кај половината тие траеле до една недела, кај секој четврти- до еден месец.
Би можело да ве интересира: Часовникот се поместува вечерва, почнува летно сметање на времето
Ноќта помеѓу сабота и недела (25/26. 03.) стрелките на часовникот треба да се поместат еден час нанапред – во 2 часот, ќе се смета дека е 3 часот. Во речиси сите земји на Европа со тоа настапува летно сметање на времето.
Промената во летно или зимско сметање на времето, воведена првично во 1980 година заради заштеда на енергија, е спорна одамна. Се тврди дека заштедата на енергија е маргинална, а промената е неомилена кај луѓето.
Анкета на здравственото осигурување ДАК во Германија, објавена во четвртокот, покажува дека една третина од Германците чувствувале здравствени проблеми по поместувањето на стрелките на часовникот. Кај речиси половината од анкетираните (49 %), проблемите имале трајност до една недела, а кај секој четврти, дури до еден месец.
Како најчести тешкотии се пријавени умор и општа истоштеност (85 %), по што следат проблеми со спиењето (63 %), отежната концентрација (36 %) и раздразливост (32 %).
Речиси секој петти човек во анкетата навел дека најмалку еднаш задоцнил утрото на работа поради промената на сметањето на времето. Околу 16 проценти се жалат на депресивно расположение, појава која е почеста кај жените (32 %) отколку кај мажите (19 %).
За повеќе од три четвртини од анкетираните Германци поместувањето на стрелките на часовниците е неомилено, го сметаат за непотребно и се залагаат за негово укинување. Притоа, 55 проценти се изјаснуваат за трајно задржување на летното сметање на времето, тоа е категорија во која доминираат вработените лица. Само 37 проценти испитаници би сакале да биде задржано зимското сметање на времето, односно нормалното време.
Анкетата е извршена од страна на Институтот за испитување на јавното мислење, Форса, во периодот од 22. до 24. Февруари и во неа учествувале вкупно 1008 лица.
ЕУ планираше да ја укине промената на времето во зимско и летно уште во 2018 година, за што Европската комисија достави и соодветен предлог. Но, различните позиции на членките предизвикаа предлогот да биде ставен на мраз. Во Европа постои неединство околу тоа какво време треба да важи во иднина, летно или нормално.