Имавте добитна идеја за вашата компанија и пофалби стигнуваат од сите страни, но не и на ваша адреса.
Добивањето пофалба или признание на работното место е важен дел од утврдувањето на вашата вредност и согласно тоа вашето напредување во компанијата, но ако постојано барате признанија, тоа може да ви се удри од глава и да оставите впечаток на „ловец на трофеи“.
Една од карактеристиките на добар шеф е способноста да оддаде признание и пофалба на вистинското место во вистинско време, за вистинската работа.
Најдобрите лидери се оние кои велат: „Мојот тим го направи ова“ или „Некој од мојот тим ја доби идејата и ја спроведовме“. Вистинскиот лидер им дозволува и овозможува на другите да се издигнуваат.
Но, тоа не се случува секогаш.
Ако вашиот шеф редовно ги зема заслугите за вашата добро завршена работа или брилијантна идеја, вашето решение е да набавите писмени докази за тоа од каде потекнала и како „патувала“ идејата. Потрудете се размената на информации и извештаи да оди по пишан или електронски пат, за да имате „црно на бело“. Ако имате состаноци „еден на еден“ со шефот, потоа пратете му мејл во кој потсетувате што се разговарало, а потоа побарајте потврда и некаква консултација или слично.
Можеби ќе ве интересира: Кои им се заеднички карактеристики на сите лоши шефови?
Ако се одлучите да се соочите директно со шефот, одбегнете директни обвинувања и не заборавајте дека најважен е тимот.
Исто така, сфатете дека понекогаш има смисла шефот да преземе водство и да ги презентира идеите и проектите.
Имате многу повеќе простор да се наметнете кога станува збор за колега кој ги жнее вашите успеси, но сепак внимавајте да не бидете нечувствителни, нападни или едноставно „тужибаби“.
Можете да си дозволите да бидете поагресивни бидејќи соодносот на моќ не е ист како со шефот.
Што да направите? Одбегнувајте да споделувате идеи во приватни ситуации (ќе биде вашиот збор против неговиот/нејзиниот) и како и во претходниот случај, документирајте сѐ што можете.
Ако сметате дека сте биле запоставени во оддавањето заслуги во групни проекти, не пишувајте гневен мејл со содржина „јас го направив ова, ова и ова“, туку упатете го мејлот на сите засегнати и искажете благодарност за соработката, дека уживавте во тимската работа и дека се гордеете со тимот.
Бирајте ги битките
Внимавајте кога, како и колку често барате признание за вашиот труд.
Пред да побарате заслуга за идејата, прашајте се колку добивањето на идејата било резултат на претходна тимска работа и брејнсторминг.
Исто така, дали признанијата доаѓаат со некаков бенефит – бонус, покачување на плата, унапредување? Ако тоа што не добивате признанија ве уназадува во работата и ве прави да се чувствувате помалку вредни, реагирајте. Во спротивно, може само да оставите впечаток дека сте алчни и колекционери на пофалби.
„Бидете промената што сакате да ја видите во светот“, рекол мудриот Ганди. Поставете позитивен пример со тоа што вие ќе им честитате на колегите или шефовите, ќе ги пофалите јавно, ќе го нагласите нивниот придонес.
Со тоа покажувате големина, скромност и доблесност и создавате атмосфера и средина во која охрабрувањата се добредојдени, а пофалбите навистина значат нешто.
Ќе бидете почитувани од колегите и вреднувани од шефовите.
Извор: kajgana.com