На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Од утрово, на првиот ден од продолжениот празничен викенд, забележано е зголемување на бројот на патници и возила на граничните премини за излез од државата кон Србија и Грција.
Според информациите од терен, за излез од земјава и влез кон Грција, во одредени периоди се чекало и по еден час. Во моментов, од снимките во живо од камерите на премините, достапни на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта, може да се види дека за излез на премините „Богородица“ и „Табановце“ чекаат по дваесетина возила.
За зголемената фреквенција, информираше и АМСМ во извештајот објавен напладне во кој се вели дека сега се чека до половина час.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини ’Богородица‘ и ’Табановце‘ поради зголемена фреквенција на возила времето на чекање за излез од државата е од 15 до 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, велат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта, пак, според информациите оттаму се одвива непречено, но по претежно влажни коловози.