На студентите што изминативе две академски години земаа пониски стипендии и покрај тоа што ги исполнуваа истите услови со нивните колеги што добиваа поголеми износи, ќе им биде исплатена разликата до повисокиот износ за целиот овој период
Денеска започна исплатата на зголемените износи за оние студенти што земаа пониски стипендии. Студентите на своите трансакциски сметки, покрај редовната исплата на месечната (пониска) стипендија, добиваат уште една исплата – толку колку што изнесува разликата од пониската стипендија до зголемената сума од 6.050 денари.
Така, студент што досега земал месечна стипендија од 3.300 денари, за месец април ќе добие исплата во износ од 3.300 денари, а истовремено ќе му бидат исплатени дополнителни 2.750 денари кои заедно ја прават сумата од 6.050 денари, колку што сега изнесуваат студентските стипендии.
Студент што земал стипендија од 4.400 денари, покрај оваа сума треба да добие дополнителна исплата од 1.650 денари.
Вакви исплати студентите ќе добиваат до крајот на академската година, односно покрај за април, ќе добиваат и за мај и јуни.
На студентите што изминативе две академски години земаа пониски стипендии, и покрај тоа што ги исполнуваа истите услови со нивните колеги што добиваа поголеми износи, ќе им биде исплатена разликата до повисокиот износ за целиот овој период.
Министерството за образование и наука (МОН) претходно соопшти дека износот на разликата ќе се надомести преку две исплати. Еден дел ќе им биде префрлен на трансакциските сметки во октомври годинава, а вториот дел во февруари 2024 година. За учениците кои беа оштетени на ист начин, пак, износот на разликата до зголемените стипендии ќе се исплати исто така во октомври 2023 година.
„Сите ученици и студенти кои оствариле право на стипендија пред учебната односно академската 2021/2022 година и доставиле анекси кон нивните договори за изедначување на стипендијата, ќе можат да потпишат спогодба со Министерството за образование и наука (МОН) за ретроактивна исплата на разликата до зголемената стипендија за академската 2021/2022 година и за дел од 2022/2023 година“, соопштија од МОН на 18 април.
Исплата на разликата до повисокиот износ ќе добиваат само студентите кои доставиле анекси на договорите за стипендија до Министерството за образование и наука во предвидениот рок.