Австрискиот парламент одлучи засекогаш да го прекине печатењето на „Винер цајтунг“, еден од најстарите дневни весници во светот, кој во иднина ќе се чита само во дигитална форма.
Тој 320 години стар дневен весник отсега ќе се печати само како месечник, одлучи конзервативно-зелената коалиција и покрај острите критики од уметниците и опозициските партии.
Дневникот е основан во 1703 година, тогаш под името Виенеришес диариум (Виенски дневник) и бил официјален весник на Хабсбуршката монархија.
Во 2021 година, владејачката коалиција одлучи весникот, во сопственост на австриската влада, да престане да објавува огласи за компаниите од кои главно се финансираше.
„Весникот има повеќе читатели над 90 отколку помлади од 30“, рече министерката за семејство и медиуми Сузане Рааб од конзервативната Австриска народна партија (ОВП).
Австриската писателка и добитничка на Нобеловата награда Елфриде Јелинек и уметникот Андре Хелер се некои од истакнатите луѓе што се обидоа да го зачуваат печатеното издание.
Опозициските претставници ја критикуваа одлуката бидејќи сметаат дека со неа се осиромашува медиумскиот простор.
„Тоа е удар врз медиумската политика и култура“, рече заменик-претседателот на Социјалдемократската партија (СПО), Јерг Лајхтфрид.