Откако српските медиуми се пофалија дека Србија има најголем раст на платите во светот во изминатите пет месеци, врз основа на податоците од World of Statistics, ги прашавме српските граѓани дали се согласуваат со тоа тврдење.
Велат дека дури и ако тоа е така статистички, сепак во земјата тешко се наоѓа работа, платите не се многу високи, а младите сакаат да се иселат. Некои информацијата ја земаат со доза на скептицизам.
„Србија нема најголем пораст на плати ни во југоисточна Европа, а не знам за кој свет се зборува. Овој во кој живееме не. Младите тешко се вработуваат. Многу пари се даваат за странски фирми, кои доаѓаат овде и заминуваат. Земјата е презадолжена. Перспективите се многу слаби. Како и вие, да сме во ЕУ во која тешко дека ќе влеземе за 20 години, пола држава би отишла надвор. Србија нема решена ситуација со Косово, така што од некој економски успех нема ништо. Ние сме земјоделска земја каде земјоделците го истураат млекото“, вели Зоран Шолаја, професор по економија од Белград.
Додава дека ако земјата е во проблеми, тогаш не можат да ги стигнат со плати ниту чистачите во Австрија.
Драган, кој живее во јужна Србија вели дека платите во овој дел од државата се ниски, околу 40.000 динари, колку што изнесува минималецот и луѓето едвај врзуваат крај со крај. Објаснува дека медиумите ја величаат власта, но реално и луѓето кои работат во државно едвај поминуваат месец, а тешко им е да си платат летување или зимување.
ЦЕЛАТА ЛИСТА МОЖЕТЕ ДА ЈА ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА
„Младите заминуваат затоа што нема перспектива. Ништо подобро не е ниту во другите делови на Србија. Како вели Вучиќ, живееме во „златна доба“, а на народот му е полошо. Сè е подредено за мал број луѓе на власт, а нè јаде криминалот и корупцијата во спрега со власта. Полека стануваме колонија за странците, затоа што имаме евтина работна сила и не мораат да почитуваат еколошки закони“, вели Драган.
Додава дека сите што се квалитетни бегаат од земјата и тоа е Србија, а не она што се говори на провладините медиуми.
Милена, која живее во Белград вели дека платите пораснале, но цените скокнале многу повеќе и српските граѓани сега немаат некоја поголема куповна моќ од претходно.
„Не знам од каде е тој податок и можеби на поединци навистина во просек, односно драстично им скокнала платата, но на повеќето луѓе малку им порасна платата и тоа е вистината. Но, цените отидоа нагоре многу повеќе и се плашам дека не можеме да зборуваме за подобрување на стандардот на српските граѓани“, објасни Милена.
Србија, која забележа раст од 15,2 отсто, е на првото место на листата, а зад неа, во првите 5, се Босна и Херцеговина, Португалија, Белорусија и Романија. Просечната плата во декември лани била 718 евра. Српските власти велат дека во декември ќе биде 816 евра.
Извор: faktor.mk