Од денес на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ започнаа новите авиолинии од Лондон и Манчестер. Чартер летовите ќе траат до 20-ти септември, два пати неделно. Оваа туристичка сезона се очекува над 6.000 Британци да летуваат на брегот на Охридското Езеро...
На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, од денес стартуваа новите авиолиниите од Велика Британија. До 20-ти септември, два пати неделно, преку туроператорот ТУИ UK, Охрид се поврзува со Лондон и Манчестер. Оваа сезона се очекуваат над 6.000 Британци да летуваат на брегот на Охридското Езеро и да се запознаат со убавините на нашата земја.
„Со воведувањето на овие чартер летови, од Манчестер и Лондон, британските туристи ќе имаат можност да ја посетат оваа неверојатна дестинација, каде ќе има можност да го посетат стариот град, кој е на листата на УНЕСКО, да ги посетат античките локалитети, манастири, цркви и да искусат добра храна и гостопримството во Охрид и локалната традиција“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Во првите четири месеци од годинава, во споредба со истиот период лани, бројот на патници во авиосообраќајот во земјава пораснал за 44%.
„Сигурен сум дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион, за развој на авиосообраќајот, бидејќи новите авиолинии значат дополнително зголемен број на туристи, развој на туризмот во Охрид и Северна Македонија и тоа е значаен чекор кон обезбедување и на економски развој на државата“, истакна министерот Благој Бочварски.
Охрид, засега е нова и непозната дестинација за Британците, но особено атрактивна поради прекрасната природа. Бројот на туристи од Британија се очекува да расте.
Би можело да ве интересира: Wizz Air воведува нови линии од Скопје
„Северна Македонија не е многу позната дестинација за тие што сакаат да патуваат од Обединетото кралство, но тоа ќе се промени затоа што патниците кои ќе пристигнат тука ќе поминат прекрасно време и кога ќе се вратат назад ќе се прошири нивното искуство, ќе го споделат со нивните семејства и фамилиите за оваа прекрасна и уникатна дестинација“, истакна Крис Логан, извршен директор на ТУИ Ервејс Велика Британија за скијање, езера и планини.
Оваа година на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, се очекуваат рекорден број туристи. Во моментов оперираат четири авиокомпании до девет дестинации, а од јуни ќе се патува до 14 дестинации ширум светот.