Иако се народ кој не штеди кога станува збор за одмор сепак и Германците калкулираат. Така нивниот завод за статистстика одредил која летна дестинација за колку е поевтина од Германија
Нивото на цените во Турција и Албанија било најниско меѓу државите кои ги „прочешлал“ Сојузниот завод за статистика. Во двете земји цените на туристички услуги биле за 56 проценти пониски отколку во Германија. Во Португалија и на Малта трошоците за јадење во ресторан и ноќевање во хотели за Германците биле 28 проценти пониски отколку дома.
Во Шпанија, Полска и Чешка за истите услуги во март оваа година (месец во кој Дестатис вршел анализа на цените), се плаќало во просек 18 проценти помалку отколку во Германија. Во Хрватска и на Кипар – 17 проценти помалку, а во Грција „заштедата“ изнесувала дури 21 процент. Уште поповолни биле цените во Црна Гора и во Романија, каде за хотелско сместување и одење во ресторан можело да се помине 46 проценти поевтино одошто во Германија. Хрватска, според наводите на Дестатис, е поскапа земја за туристи од своите јужноевропски конкуренти Турција, Грција, Португалија и (минимално) од Шпанија.
Што се однесува на земјите од југот на Европа, најскапа била Италија. Но, и на Апенинскиот Полуостров, тврдат статистичарите, цените во хотели и ресторани во испитуваното време биле пет проценти пониски одошто во Германија.
Швајцарија за 61 процент поскапа од Германија
За граѓаните на Германија одмор на север во Европа или во некои соседни земји е поскап од летување во Германија. Најскапа била Швајцарија, дури 61 процент во однос на Германија. Поскапи се и меѓу Германците популарните туристички дестинации како Данска или Норвешка и тоа за повеќе од 40 проценти.
За добро туристичко лето не се доволни само песок и море
02:01
Финска е нешто малку поскапа, но сепак значително во споредба со Германија – таму хотелските ноќевања и гастрономските услуги во март годинава биле 25 проценти повисоки отколку во Германија. Во Ирска туристите морале да платат 21 процент повеќе, одмор во Шведска бил поскап 17 проценти одошто во Германија, а во Австрија – 15 проценти.
Во соседна Франција, една од најомилените германски туристички дестинации, во март за хотел и ресторан требало да се платат 8 проценти повеќе отколку во Германија.
Извор Дојче Веле