Освен во Македонија, во пресрет на летната туристичка сезона, патарините поскапеа во речиси сите други земји од регионот.
Тоа значи дека ако одите на море со својот автомобил, покрај сместувањето во апартман или во студио за коешто годинава ќе треба да издвоите 40% повеќе пари за разлика од лани, дополнителен удар врз џебот ќе ви предизвикаат и патарините низ Грција, Србија, Црна Гора, Албанија, Хрватска…
Во Грција, на пример, цената на првата патарина којашто се наоѓа на само 500 метри од границата на граничниот премин „Евзони“ изнесува 1,80 евра.
Ако патувате до Атина, треба да имате предвид дека ќе ви бидат потребни околу 35 евра во еден правец.
До туристичкото место Лептокарија ќе ви бидат потребни нешто помалку од 10 евра во еден правец.
Во соседна Србија, пак, од 1 април годинава започна да важи новиот ценовник на патарините во кој цените се за 14% повисоки за разлика од претходниот.
Со оглед на тоа што патарините кај северниот сосед функционираат на поразличен начин од нашиот, односно земате картичка на првата патарина, а плаќате тогаш кога ќе се исклучите од автопатот, поскапувањето од клучка до клучка чини во просек 50 центи.
Слична е ситуацијата и на автопатите во Црна Гора. Само за да поминете низ тунелот Созине треба да издвоите 2,5 евра, а патарината на делницата Мељине-Требиње сега изнесува 3 евра.
На автопатот Милош Велики, патарината е поскапена за 40 денари, па наместо ланските 220 денари, сега чини 260 денари.
Ако патувате на море во Хрватска, тогаш одвојте си околу 30 евра само за патарини, додека, пак, за патарината во Албанија ќе треба да издвоите само 5 евра.