Кина ја гледа употребата на роботи како решение за критичниот недостиг на здравствени и социјални работници.
Во написот објавен од Sixth Tone се наведува дека бројот на стари лица во Кина се зголемува, но дека ресурсите не се одржуваат, па затоа се потребни „паметни“ машини за да се намали оптеретувањето на луѓето. Ова е мислењето на Гао Хонџун, директор на центар за стари лица во центарот на Шангај, кој верува дека во спротивно сите ќе се изморат и нема да можат добро да се грижат за старите лица.
Кинеските политики покажуваат дека треба да има по еден негувател на секои четворица жители во домовите за стари лица, меѓутоа, само 320.000 старатели во моментов им опслужуваат на 8,1 милиони жители на старечките домови во земјата. Тоа значи дека на Кина ѝ недостасуваат повеќе од 1,7 милиони негуватели.
Роботите се сметаат за едно од решенијата, но трошоците сѐ уште се високи и ја спречуваат нивната широка имплементација. Денес, постојат повеќе од 100 кинески стартапи за роботи специјализирани за рехабилитација и нега, но повеќето од нив допрва треба да достигнат масовно производство. Една од значајните причини е тоа што владата не обезбедува доволно средства за имплементација на роботи во домовите за стари лица.
Домовите за стари лица не се доволно профитабилни за самите да си дозволат роботи. Домот за стари лица Саншајн е во приватна сопственост, лоциран во провинцијата Анхуи во Источна Кина, а неговиот коосновач Дон се бори со размерите на проблемот.
„Ако инвестираме во паметни уреди, ќе мора да ги зголемиме цените, а потоа ќе ни доаѓаат помалку луѓе“, вели Дон.
Но, не е сè загубено. Аналитичарите веруваат во потенцијалот на кинеската „паметна“ здравствена индустрија. Истражувачка компанија од провинцијата Гуандон објави извештај во кој предвидува „експлозија“ на пазарот во следните десет години, а до 2027 година тој ќе биде трипати поголем отколку во 2021 година.
Гу Џје, директор на Shanghai Fourier Intelligence, компанија специјализирана за роботи што се користат за рехабилитација, тврди дека тие проценки се точни.
„Без разлика каде живеат постарите, сите тие се надеваат дека нивните екстремитети ќе бидат подвижни и нивната ментална состојба ќе се подобри. Откако ќе ги купат овие уреди, многумина ќе можат да ги користат, што значително ја подобрува ефикасноста. Ова е поентата на технологијата за вештачка интелигенција“, истакна Џје.
Извор: kajgana.com