Паѓаат ли во вода надежите на граѓаните дека од 1 јули годинава ќе биде воведена евтина тарифа на струјата и дека веќе од следниот месец ќе плаќаме пониски сметки за електрична енергија?
- Долго време анализиравме и точно е дека во игра беше воведување евтина тарифа на струјата од 1 јули годинава, но на крајот сфативме дека сега не е добар момент за таков потег. Но, со сигурност можам да кажам дека евтината тарифа ќе биде воведена во јули следната година. Сега ќе има благо покачување на цената на струјата, но поскапувањето нема да биде премногу забележително и граѓаните нема премногу да го почувствуваат врз сопствениот џеб. Поскапувањето е резултат на враќањето на ДДВ-то од 10 на 18 проценти – брифираат извори од Владата за Денар, откако дел од медиумите неофицијално објавија дека нема да се воведе евтина тарифа на струјата.
Сепак, засега не се знае точно колку ќе изнесува поскапувањето на електрична енергија, бидејќи тоа зависи и од прашањето колку ќе чини мегават час од државните електрани.
Моменталната цена на мегават час изнесува 56 евра, а државните електрани ќе ја достават новата понуда в петок на тендерот на ЕВН Хоум.
Инаку, првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, минатата недела рече дека активно се преговара за воведување евтина дневна тарифа на струјата која би траела два часа во интервал од 14 до 16 или до 17 часот.
Тој, исто така рече дека е противник на идејата да има поскапување на електрична енергија, оти, како што рече, сега не е време за такво нешто.