И Бугарија бара работници од Македонија за во секторот туризам и угостителство. Има огласи во кои се нудат плати од 800 евра за келнери, за работа 6 дена во неделата, по 8 часа, со платени патни трошоци и сместување во хотел. Бараат работници за 3 месеци, а воедно нив им нудат и 50 отсто попуст на храната во хотелот каде ќе бидат сместени. Ова се однесува за Поморие.
Во Сончев Брег за шанкерите нудат плата од 750 евра, за хигиеничари 700 евра, за носачи на куфери исто 700 евра, а за рецепционерите без искуство 900 евра, додека за оние со искуство 1.000 евра. За работниците е обезбедна храна и сместување.
Зоран Кочоски од агенцијата Коузон објаснува дека на пазарот потешко е да се најде добар рецепционер, отколку добар келнер, затоа што бројот на хотели е помал од бројот на ресторани и барови. Тој објаснува дека на рецепционерите во старт им се нуди повисока плата затоа што тие немаат можност да заработат од бакшиш.
„На рецепција ретко кој остава бакшиш, додека на келнерот му даваат пониска плата, а тој ќе биде награден од гостите за љубезноста со бакшиш. И за рецепционер се бараат квалификации, познавање на јазици и затоа мора да ги мотивирате. Бугарија доцна се свести дека треба да дава повисоки плати и голем број Бугари работат на Кипар или во Грција каде платите се повисоки. Платите во Хрватска и Кипар се поголеми од оние кои ги нудат Бугарите“, вели Кочоски.
Во огласи кои се објавени пред 6 години, стои дека за работа во хотели во Бугарија се бара познавање на англиски, германски или руски јазик.
„За собарките платите се најмали. Има работници од Македонија, и од Србија, ама послабо, но за Македонците повеќе се исплати да работат во Хрватска. Јас бев да работам во Бугарија преку бугарска агенција и за пронаѓање на работата ми наплатија 50 евра. Преку истата агенција заминуваат доста млади од источна Македонија. Јас случајно најдов работа. Превозот сама го платив и имав обезбедено два оброка дневно“, вели кумановка.
Работа за бравари имаше во Петрич во Бугарија, но посредниците објасуваат дека интересот не е голем, затоа што луѓето не сакаат секој ден да патуваат, а не ја гледаат како атрактивна ниту опцијата да престојуваат таму и да бидат одвоени од блиските.
Последниве месеци имаше многу огласи за вработувања во домашните хотели, во Скопје, Маврово или Охрид. Меѓу огласите има и понуди за работа за пекари во Крањ, Словенија. Вообичаено, има и работни места за Хрватска, за занаетчии или за персонал во хотели.