Aвстриската престолнина Виена повторно е прогласена за најдобар град за живеење во светот. Виена по четврти пат во последните пет години е рангирана на првото место, објави австриската јавна радио и телевизија OРФ.
Листата ја состави „Економист Интелиџенс Јунит“ („Economist Intelligence Unit“).
На второто место е данската престолнина Копенхаген, потоа двата австралиски града – Мелбурн и Сиднеј и канадскиот Ванкувер. Цирих, кој лани беше на третото место, сега е на шестото место.
Рангирањето на градовите се базира на 30 критериуми како стабилност, здравствен систем, култура и животна средина, образование и инфраструктура. Виена нуди идеална комбинација од петте фактори, се вели во студијата. Единствено недостигаат големи спортски настани.
Тајм Аут Индекс во соработка со компанијата „Тејпстру Рисрч“ во 2019 година спроведе истражување за најдобар град за живеење врз основа на одговорите на 34.000 анонимни жители од целиот свет, а победник во рангирањето беше Њујорк.