Нови строги правила воведува нашиот јужен сосед, а најголем „удар“ очигледно ќе им биде нанесен на туристите од Македонија кои имаат навика да трпаат залихи од храна и цигари во своите возила со цел да не потрошат ни цент за време на одморот поминат на море во Грција.
Особено строги ќе бидат граничарите во поглед на количината цигари којашто ќе ја пренесуваат туристите преку граница.
А за цигарите – на сите ни е познато – една кутија цигари во Грција во просек чини 5-6 евра, а споредено со нашите цени на цигари, тамошните се далеку поскапи.
Од таа причина, освен костимите за капење, кремот за сончање и облеката, македонските туристи во своите куфери пакуваат и цигари.
Но, малкумина од нив знаат дека преку граница можат да пренесат најмногу две кутии цигари, а во спротивно, ако ве фатат со повеќе од дозволеното, веднаш ќе треба да платите казна од 500 евра.
Според најавите, грчките цариници годинава ќе бидат прилично строги во тој поглед, а најоштетени ќе бидат нашинците кои планираат подолг престој на Егејско Море, особено камперите.
Како што налагаат официјалните прописи, во Грција не е дозволен внес на месо, млеко и млечни производи од земји кои не се членки на Европската Унија, а дозволено е со себе да понесете до два килограми млеко во прав за бебе или храна за бебе, храна за лица за посебни потреби, како и до два килограми храна за миленици.
Кога се работи за овошје и зеленчук, може да се внесат во количина до 5 килограми.
Алкохол можат да пренесуваат само личности постари од 17 години, но не смеат да поседуваат повеќе од едно литро алкохол со процент повисок од 22 отсто. Дозволено е да пренесете најмногу 4 литри вино и 12 литри пиво.
Кога се работи за пари, потребно е да пријавите кај цариниците доколку со себе имате кеш во износ поголем од 10.000 евра.