Од 1 јули престанува мерката за замрзнати маржи на основните прехранбени производи - лебот, шеќерот, јајцата и млечните производи. Со овој потег, државата ги препушта производителите и трговците сами да ги утврдуваат според пазарни услови. Сите резервирани околу проценките за раст или пад на цените.
Доколку викендов се упатите да пазарувате во маркет, рафтовите на кои се наоѓаат лебот, оризот, зејтин, макароните, млекото и млечните производи, може да ве дочекаат и со поинакви цени. Причина за тоа е одмрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи, која претходно со одлука на влада се продолжи до 30 јуни. Ова е датумот и кога официјално државата повеќе нема да ги контролира цените и ги остава во рацете на трговците.
Одмрзнувањето доаѓа во услови кога во светски рамки веќе една година цените на храната се намалуваат, додека во Северна Македонија ниту ограничените маржи не успеаја да го зауздаат поскапувањето. Месецот што претстои ќе покаже какви ќе бидат цените на прехранбените производи во продавниците и дали повторно ќе се случуваат злоупотреби од трговците, ставајќи набилдани маржи на производите.
Од Организацијата за заштита на потрошувачи не очекуваат нивен драстичен скок, иако од друга страна, не очекуваат ниту дека цените ќе паднат.
„Се смени ситуацијата, на светските пазари паѓаат цените на основните производи и ќе видиме сега дали самите производители и трговците ја научија лекцијата и дека нема да имаат толкава потреба да ги качуваат цените. Ќе има некои акции на производи каде ќе има намалување, самите трговци или домашните производители, сметаме дека сега треба да се остави на пазарот“, смета претседателката на ОЗП, Мирјана Лончар Велкова.
Во време на енергетската криза, владата во неколку наврати ги одмрзнуваше и замрзнуваше цените на основните производи. Но, според професорот на Институтот за општествени и хуманистички науки, Здравко Савески, ваквите чекори упатуваат на неконзистентни политики. Според Савески, сè уште има потреба за замрзнати цени.
Целиот текст прочитајте го на: slobodnaevropa.mk