Статистичките податоци покажуваат дека Македонија е во длабока демографска старост. Алармот е одамна вклучен - младите заминуваат, училиштата се празнат, нема кој да работи, вели статистичарот Дончо Герасимовски
Македонија забрзано старее, а ако продолжи загрижувачкиот тренд на иселување на младите, за десет години земјата може да се соочи со загрижувачки последици. Демографскиот аларм е одамна вклучен. Последната деценија се појавуваат трендови кои укажуваат дека вртоглаво се намалува бројот на младото население, поради што во државата остануваат пред се пензионерите.
„Северна Македонија е старец на 74 или старица на возраст од 76 години“, вели статистичарот Дончо Герасимовски кој за Дојче веле, со една реченица ги отсликува сите трендови коишто се случуваат во земјата последната декада. Според статистиката, жените во просек живеат две години подолго од мажите, па оттаму и просечната возраст на жените во Македонија е околу 76 години.
Статистичките податоци јасно покажуваат дека Македонија како држава е во длабока демографска старост. „Староста се мери над 60 – 65 години со 12 проценти учество, а кај нас ќе стигне веќе 20 %, што е двојно повеќе од она што е просекот во однос на возрасната структура на населението во една земја“, укажува тој.
Според податоците од пописот, од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население се намалил за 171.317 жители, или 12,4%, додека бројот на старо население над 65 години возраст, се зголемил за 17,2% или за 101.619 лица. Најстаро население има во неколку скопски општини, како и во Битола, Прилеп, Велес, Охрид итн. Во Северна Македонија има и 51 лицe на возраст над 100 години.
Извор dw.com