Оваа година се покажа дека при уписи во средните училишта, кај младите порасна интересот за запишување во стручните школи, додека гимназиите паднаа во втор план.
Анета Атанасовска од Занаетчиската комора Скопје објаснува дека занаетите се дефицитарни, ценети, нудат можности младите полесно да најдат работа и солидно да заработуваат. Вели дека овие фактори ги менуваат трендовите во нашето општество за тоа какво образование ќе бираат учениците.
„Зголемениот интерес на младите за стручното образование е резултат на огромната побарувачка на пазарот на трудот на струки и профили од занаетчискиот сектор кои се побарувани и се добро платени, поради тоа младите сè повеќе се интересираат за стручното образование. Конечно има зголемен интерес на деветоодделенците за занаетчиски струки и профили, и ова е резултат на голем број промотивни настани, кампањи за стручното образование кои се организираа изминативе години. Годинешниот резултат на поголем интерес за стручното образование наспроти гимназиското е позитивен сигнал дека ставововите на родителите и децата за упис во гимназиско образование се променети, и дека подобар избор за младиот човек е насочување кон одредена струка-занимање кое му нуди директно вработување на пазарот на труд. Неопходно е да се продолжи со активности за промоција на стручното образование за да го намалиме дефицитот на стручен кадар, проблем со кој се соочуваат занаетчиите во изминатиов период како и стопанството воопшто“, вели Атанасовска.
Кариерниот советник, Наташа Ивановска објасни дека изборот на средно образование е сериозен чекор кој младите треба да го направат со поддршка на своите родители и стручни лица во образованите институции. Кај нас за жал како што вели сè уште не постои систем на кариерно советување во училиштата кој ќе им овозможи на младите да донесат одлуки за својата иднина. Додава дека во основните училишта оваа поддршка е на минимално ниво и тука институциите имаат голем простор за подобрување.
„Од искуството во работата како кариерен советник, одлуките најчесто се носат според омилените предмети, изборот на образование на другарите, локацијата на средното училиште и „гласот” кој тоа го носи. Ретки се тие кои бараат услуга кариерно советување од надворешни кариерни советници, иако низ годините тој број расте. Оваа година за прв пат средните стручни училишта успејаа да привлечат значително повеќе пријавени, додека кај гимназиите овој број се намали. Дел се должи на промотивните активности на некои проекти кои работат на ова тема, со цел истакнување на продобивките од средно училиште кое нуди знаења и вештини за одредено занимање, наспроти гимназиското, кое се доживува како подготовка за факултет и само за себе не нуди потенцијал за директно вработување. Друг фактор е тоа што пазарот на труд забележува намалување на лица со занимања кои произлегуваат од средно стручно, поради трендот на иселување. Се докажува дека со овој вид образование младите можат да имаат можност за побрзо вработување и солидна заработка. Се разбира, ако тоа е нешто што самите го сакаат“, рече Ивановска.
Владо Димовски oд Центарот за толеранција и доживотно учење објаснува дека позитивните сигнали за зголемување на бројот на учениците во средните стручни училишта почнаа да се чувствуваат уште пред неколку години со намалувањето на стручниот кадар во компаниите во Македонија. Недостигот на работна сила посебно во делот на стручната спрема на работниците доведе до голема заинтересираност кај компаниите за обезбедување на стручен кадар преку поголема соработка на компаните и средните стручни училишта.
„Со отворањето на специјализирани паралелки наменети токму за потребите на компаниите се зголеми и интересот кај учениците за запишување во средните стручни училишта. Од пред две години голем број на компании започнаа со стипендирање на одреден број ученици како иден стручен кадар кој ќе работи во тие компании. Тоа е позитивен тренд кај компаниите и голем интерес, па затоа почна да опаѓа бројот на учениците во гимназиите. Исто така зголемувањето на бројот на ученици во училиштата од медицинската струка, економската струка, паралелките за лаборанти и ред други струки придонесе и тоа како за зголемување на бројот дури и двојно повеќе во стручните училишта отколку во гимназиите. Од една страна тоа е добро за растот на економијата и обезбедување на сопствен кадар за работа, но пак од друга страна е прашањето на каков начин по завршувањето на средното стручно училиште тие стручни кадри ќе ги задржиме во Македонија. Се ми се чини дека ќе образуваме стручни кадри за извоз. Треба многу повеќе да се работи на подигање на стандардот на работниците во приватниот сектор, намалување на државната администрација, подобрување на условите за работа во фабриките оние малку што останаа и на крај поголема грижа за работниците за да останат во Македонија бидејќи трендот на иселување ќе земе уште поголем замав, па така во иднина и стручните училишта ќе немаат доволен број на ученици“, вели Димовски.
Врз основа на финализираните ранг листи за првото и второто пријавување за упис во средно училиште за учебната 2023/24 година, се запишале вкупно 15.481 ученици, информираа од Министерството за образование и наука (МОН). Како што соопштија, 4.603 се запишани во гимназиско образование, а 10.277 во стручно. Учениците кои се на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок. Пријавување на учениците ќе се врши на 21 август до 24:00 часот. Пред една деценија, имаше голем интерес за гимназиското образование и за средните медицински училишта.
Извор: faktor.mk