Работењето од дома е сè почеста појава по избувнувањето на пандемијата на корона вирусот, но уделот во европските земји многу варира. Германија е меѓу водечките земји во Европа, пренесува агенцијата dpa
Вработените во Германија со еден ден работа од дома неделно се на второ место меѓу 17 европски земји, покажува студијата на институтот Ifo.
Само Велика Британија е пред Германија со 1,5 ден. На глобално ниво, меѓу вкупно 34 земји вклучени во студијата, пред Германија се Канада со 1,7 дена неделно, САД со 1,4 дена и Австралија со 1,3 дена. Вкупниот просек е 0,9 дена работа од дома неделно, објави Ifo во вторникот.
Во Европа, Финска и Холандија, исто така, стигнаа до еден ден, но Германија е малку подобра во однос на децималната точка зад единицата.
Во Австрија, просекот е 0,8 дена, во Полска и Италија 0,7 дена, а во Франција и Данска 0,6 дена неделно. Студијата покажа дека просечниот удел на работа од дома неделно е особено низок во Јужна Кореја, со 0,4, како и во Јапонија и Грција – 0,5.
Нема едноставно објаснување, изјави експертот на Ifo, Матијас Долс. Структурата на економијата во одредени земји, степенот на дигитализација, како и искуството со мерките за заклучување за време на пандемијата може да има влијание.
„Гледаме дека вработените навистина ја ценат можноста за работа од дома“, рече Долс, додавајќи дека сепак постои голема разлика помеѓу тоа колку таква работа сакаат вработените и колку планираат работодавците.
Глобалниот просек покажува дека вработените сакаат околу 0,8 дена повеќе отколку што планираат работодавците. Во Германија јазот е нешто помал и изнесува 0,6 дена. Во просек, 1.800 германски учесници во истражувањето рекле дека сакаат да работат од својата домашна „канцеларија“ околу 1,8 дена.
Одговорите на прашањата од анкетата укажуваат дека работата од дома може да биде почеста. Имено, во повеќето земји работодавците планираат да им понудат на вработените повеќе работа од дома отколку порано.