Македонија, северно од Грција, помеѓу Албанија и Бугарија, има прекрасни пејзажи и топла медитеранска клима во текот на целата година.
– Нема сомнение дека станува збор за една од најпотценетите дестинации во Европа во моментов, но наш став е дека таа е следната најжешка дестинација за летни патувања по поволни цени, коментираат експертите за написот на Andrea Blazquez за express.co.uk.
Охрид е преполн со култура и историја, без да биде претерано туристички, што го прави „автентична, но прифатлива дестинација за одмор“.
– Одете во Охрид, дел од светското наследство на УНЕСКО лоцирано на југозапад од земјата и дом на Охридското Езеро, најстарото езеро во Европа, се додава во написот.
Охрид се’ почесто го откриваат туристите од Британија. На 31-ви мај оваа година, на аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид пристигнаа првите патници од Манчестер и од Лондон (Гетвик), со што се означи отворањето на овие две нови сезонски авиолинии на британски TUI. Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ служи како врска за редовни сезонски летови меѓу Манчестер и Лондон (Гетвик) со британската компанија TUI UK.
Директните воздушни врски што ги обезбедуваат овие чартер-летови ја елиминираат потребата за повеќекратни чекања меѓу транзитни или трансфер-летови кои одземаат многу време, нудејќи им на британските патници беспрекорно и практично искуство на патување покрај волшебното Охридско Езеро.